Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД ќе ги провери сите серии на БСЖ вакцината што се користат во Македонија, а одложувањето на вакцинацијата е привремена мерка додека не се добијат потребните информации, соопшти Комисијата за имунизација.
Претседателката на Комисијата, проф. д-р Александра Грозданова, изјави дека во моментов во Македонија нема новопријавен случај на несакана реакција од БСЖ вакцината поврзан со актуелните сомнежи.
Одлуката за привремено одложување беше донесена откако Хрватска ја прекина имунизацијата поради пријавени несакани реакции. И во Македонија и во Хрватска се користи вакцина од бугарскиот производител „Бул Био НЦИПД“.
Поради тоа, МАЛМЕД треба детално да ги провери сериите што се користат во земјава и во комуникација со производителот, добавувачот и агенциите за лекови од регионот да утврди дали постои евентуална поврзаност со пријавените случаи.
Според Грозданова, БСЖ вакцината се користи во Македонија повеќе од 20 години, а ја применуваат и други европски земји, меѓу кои Бугарија, Хрватска, Унгарија и Романија.
Таа нагласи дека Македонија се смета за подрачје со ризик од туберкулоза, поради што БСЖ вакцинацијата е дел од задолжителниот календар за имунизација.
На Институтот за туберкулоза во моментов има 95 пациенти, од кои 83 се случаи регистрирани во текот на 2026 година. Во Детската болница „Козле“ моментално се хоспитализирани три деца со активна туберкулоза, додека во текот на годинава биле регистрирани 12 нови случаи.
Од Комисијата посочуваат дека во изминатиот период во Македонија била регистрирана само една пријава за сомнеж за несакана реакција од БСЖ вакцина, во 2022 година. Станувало збор за локална реакција на местото на апликација, а не за остеомиелитис – воспаление на коската, какво што било пријавено во Хрватска.
Грозданова изрази очекување дека проверките ќе завршат за неколку дена и дека, доколку резултатите го дозволат тоа, вакцинацијата би можела повторно да продолжи веќе следната недела.
Педијатарот-имунолог д-р Катарина Ставриќ нагласи дека нема потреба од паника меѓу родителите. Таа посочи дека досега во Македонија не е регистриран остеомиелитис како компликација по БСЖ вакцинација.
БСЖ вакцината вообичаено се прима по раѓањето, најдоцна во првите 72 часа во родилиштето, но нејзиното примање може да биде одложено. Во текот на првата година детето може да ја прими без дополнителни тестирања.
Доколку по навршена една година нема податок дека детето било вакцинирано, се препорачува Манту тест, а доколку резултатот е негативен, детето може да ја прими БСЖ вакцината.
Од Комисијата нагласуваат дека редовниот календар за имунизација не треба да биде прекинат и дека доколку проверките покажат проблем со конкретната вакцина или серија, ќе бидат разгледани можностите за набавка на вакцина од друг производител.







