Распределбата на првите картички за зелена нафта за земјоделците ќе започне во текот на оваа недела, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Серафимовски.
За мерката се обезбедени 584 милиони денари, а поддршката е зголемена за 12,3 проценти. Според министерот, целта е да се намалат трошоците за гориво во периодот кога земјоделците ги започнуваат есенските активности и подготовката на нивите.
Во следниот период е најавена и исплата на финансиската поддршка од два денари за килограм јаболко од бербата во 2024 година, предадено најдоцна до 30 јуни 2025 година. За оваа намена се предвидени околу 150 милиони денари, а налозите за исплата веќе се подготвени. Средствата треба да ги добијат сите производители што навреме поднеле барање и ги исполнуваат условите.
Министерот информираше и дека откупот на винското грозје е при крај. Досега винариите прифатиле и преработиле речиси 80 милиони килограми грозје, вклучувајќи го и сопственото производство, додека околу 13 милиони килограми биле извезени. Вкупната количина достигнува околу 93 милиони килограми набрано грозје.
Во завршна фаза се и административните процедури за кредитната линија преку Развојната банка, наменета за финансирање на откупот на винското грозје и подобрување на ликвидноста на винариите.
Кај црвената пиперка од сортата куртовска капија, просечната откупна цена во прилепскиот регион е зголемена на 25 денари за килограм при предавање во откупен центар. Во Кривогаштани и Струмица досега се откупени вкупно 44 милиони килограми, од кои 11 милиони во Кривогаштани и 33 милиони во Струмица.
Извозот на пиперка достигнал 15 милиони килограми, со што се приближува до вкупниот минатогодишен извоз од 15,5 милиони килограми, додека откупот сè уште продолжува.
На прес-конференцијата беше соопштено и дека со измените на Правилникот за квалитет на млекото и млечните производи се ограничува употребата на млеко во прав, реконституирано млеко и палмино масло. Максимално дозволената количина на овие состојки треба да изнесува од еден до два проценти.
Претставен беше и Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи, кој е ставен на јавна расправа. Со него се предвидуваат писмени договори пред испорака на производите, регистрирани откупувачи, однапред утврдени услови за откуп, прецизна евиденција и јасно утврдени рокови за плаќање.
Министерството ги повика земјоделците, здруженијата и иницијативните групи да се вклучат во јавната расправа и да достават свои забелешки и предлози преку ЕНЕР или преку подрачните единици на Министерството.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, информираше дека годинава, заклучно со 15 септември, биле извршени 873 вонредни инспекциски надзори кај регистрирани правни лица што вршеле откуп на земјоделски производи.
За утврдените неправилности биле изречени 30 инспекциски мерки и издадени 17 платни налози. Три од нив биле платени, додека за останатите 14 се води прекршочна постапка.
Најчестите неправилности биле откуп без договор со производителите, неплатени обврски, непочитување на роковите за исплата, неистакнати ценовници, неверификувани мерни инструменти и откуп без соодветен упис во регистарот на откупувачи.
Од Инспекторатот најавија дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел заштита на правата и интересите на земјоделските производители.







