Само две недели по вселувањето на студентите во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, веќе се појавил првиот проблем предизвикан од несоодветно користење на заедничките простории.
Како што објави 4news.mk, дошло до запушување на тоалетите откако во нив биле фрлани влажни марамици и други неразградливи материјали.
Поради проблемот морале да интервенираат екипи на ЈП „Водовод и канализација“, кои работеле на отстранување на дефектот и чистење на просториите.
По случајот реагираше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која упати апел до студентите одговорно да се однесуваат кон обновениот дом и да ги чуваат условите што им се обезбедени.
Јаневска посочи дека реконструкцијата на студентскиот дом претставува капитална инвестиција во која биле вложени значителни средства, време и труд, а придобивките треба да ги користат и сегашните и идните генерации студенти.
Таа предупреди дека неразградливите материјали не треба да се фрлаат во тоалетните школки, бидејќи можат да предизвикаат сериозни проблеми во канализациската мрежа.
Од Министерството за образование и наука нагласуваат дека покрај обезбедувањето современи услови за престој, неопходно е тие правилно да се користат и одржуваат. Оттаму апелираат студентите да покажат грижа кон јавниот имот и заедничките простории, за подобрените услови во домот да бидат зачувани и за идните генерации.







