Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против шест лица поради сомневања поврзани со фалсификување и употреба на возачки дозволи.
Кривичната пријава е поднесена против Т.С., вработена во МВР на работното место „помлад советник за патни исправи“ во Одделението за управни работи Скопје при Одделот за граѓански работи, како и против Б.А., С.Н., Ј.А., М.А. и Ф.А.
За Т.С. постојат основи на сомнение дека сторила четири кривични дела „фалсификување исправа“ согласно член 378 од Кривичниот законик.
За останатите пет лица постојат сомневања за шест кривични дела „фалсификување исправа“ во соизвршителство, согласно член 378 во врска со член 22 од Кривичниот законик, како и за едно кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ согласно член 380.
Според МВР, првопријавената Т.С. од почетокот на 2025 година до 24 август 2026 година, користејќи ја својата службена шифра, незаконски правела промени во електронскиот систем при постапките за издавање возачки дозволи.
Станува збор за возачки дозволи за четири од пријавените лица – С.Н., Ј.А., М.А. и Ф.А. Според пријавата, во системот биле додавани возачки категории за кои овие лица не ги исполнувале законските услови.
Откако биле внесени незаконските промени, Т.С., според сомневањата, ги одобрувала барањата и овозможувала издавање на возачките дозволи.
Второпријавениот Б.А., како што наведува МВР, во договор и соработка со Т.С. посредувал во постапките за фалсификување возачки дозволи за М.А. и Ф.А. Тој, според пријавата, преку комуникација со првопријавената учествувал во постапките иако знаел дека лицата не ги исполнуваат законските услови за стекнување на соодветните категории.
Останатите четири пријавени лица, иако биле свесни дека не ги исполнуваат условите за добивање одредена категорија, ги започнале постапките со поднесување барања за издавање возачки дозволи.
Потоа, според сомневањата, во поднесените барања од страна на Т.С. биле додавани категории за кои овие лица немале законски услови за стекнување.
МВР наведува и конкретен случај во кој едно од пријавените лица ја искористило возачката дозвола со незаконски додадена категорија „А“. Со таквата дозвола лицето управувало мотоцикл и ја преминало државната граница, односно ја употребило исправата со невистинита содржина во правниот сообраќај, иако, според пријавата, знаело дека содржината на исправата не е вистинита.
Поради случајот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против Т.С.
Одделот веќе презел и мерка против неа. По претходно поднесената кривична пријава, Т.С. е отстранета од работното место, односно ѝ е изречена задолжителна мерка суспензија до завршување на дисциплинската постапка.







