Македонската православна црква – Охридска архиепископија не ја поддржува иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни верски празници, оценувајќи дека нивното значење не треба да се разгледува единствено преку економската продуктивност и организацијата на работата.
Од МПЦ-ОА посочуваат дека празниците имаат многу пошироко духовно, верско и културно значење и претставуваат дел од традицијата и вековната поврзаност на народот со Црквата.
Реакцијата доаѓа откако Стопанската комора најави предлози за измени во календарот на неработни денови, кои треба да бидат доставени до Министерството за економија и труд.
Една од идеите е вработените сами да избираат два дополнителни верски празници во текот на годината за кои би користеле слободен ден, додека останатите празници од таа група би биле работни.
Друг предлог се однесува на државните празници што се паѓаат во недела. Наместо неработниот ден да се префрла во понеделник, следниот ден би останал работен.
Според важечкото решение, во Македонија има 11 неработни денови што важат за сите граѓани, додека припадниците на различните верски и етнички заедници имаат и дополнителни слободни денови.
Православните верници имаат пет дополнителни празници – Бадник, Водици, Велики Петок, петокот пред Духовден и Голема Богородица. Според предлогот на Комората, работникот би можел да избере два од нив како неработни.
Од Стопанската комора сметаат дека поголемиот број неработни денови има влијание врз организацијата на работата и продуктивноста на компаниите.
Предлогот, сепак, предизвика реакции и пред евентуалното преточување во конкретно законско решение.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и дека во тој поглед нема дилема.
Против намалување на бројот на неработни денови се изјаснија и синдикалните организации, кои сметаат дека таква промена би значела задирање во веќе стекнати работнички права.
Од МПЦ-ОА, пак, нагласуваат дека празниците не се само денови во кои не се оди на работа, туку претставуваат дел од духовното, верското и културното наследство, поради што евентуалните промени не треба да се разгледуваат само од економски аспект.







