ПРВ.мк
Македонија

МИЛИОНСКА ПРНЕВЕРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА: Две раководителки осомничени дека присвоиле речиси 80 милиони денари!

МИЛИОНСКА ПРНЕВЕРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА: Две раководителки осомничени дека присвоиле речиси 80 милиони денари!

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против две лица, осомничени дека како соизвршителки сториле кривично дело проневера во службата.

Станува збор за првоосомничената, која во текот на 2024 година била директорка на Секторот за финансии и сметководство во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија на Република Северна Македонија, и второосомничената, која била шефица на финансиски работи во друштвото.

Според ОЈО Скопје, двете осомничени, користејќи ги своите овластувања и службени должности утврдени со закон, во текот на целата 2024 година заеднички преземале дејствија со намера за себе да прибават противправна имотна корист.

Во истрагата постои сомнение дека тие присвоиле пари што им биле доверени во службата во вкупен износ од 79.989.444 денари, односно речиси 80 милиони денари.

Како овластени лица за подигнување готовина наменета за исплата на помали добивки, но и како лица задолжени за прием и уплата на дневниот промет од сопствените продажни места на Државна Лотарија, тие, според обвинителството, не го уплаќале и не го депонирале целокупниот дневен промет остварен во текот на 2024 година на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки.

Наместо тоа, според сомнението на обвинителството, дел од средствата биле присвоени за нивни лични потреби.

Дополнително, ОЈО наведува дека осомничените подигале и парични средства директно од банкарските сметки на АД Државна Лотарија на РСМ, кои исто така, според истрагата, ги присвојувале за себе.

Поради постоење околности кои укажуваат на опасност од криење и бегство, како и сомнеж дека би можеле да ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите поврзани со кривичното дело, обвинителството побарало определување притвор.

Како дополнителни причини се наведуваат и околности кои упатуваат на можност осомничените да влијаат врз сведоци, вештаци, соучесници или прикривачи и на тој начин да ја попречуваат кривичната постапка.

Обвинителството проценува и дека постои опасност двете осомничени да го повторат кривичното дело.

Поради сите наведени околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двете осомничени.

Истрагата продолжува, а наведените лица во оваа фаза имаат статус на осомничени и важи презумпцијата на невиност до евентуална правосилна судска одлука.