ПРВ.мк
Македонија

Му ветиле работа, пријава и плата, а по еден месец останал без ниту едно евро: 18-годишник пријавил измама!

Му ветиле работа, пријава и плата, а по еден месец останал без ниту едно евро: 18-годишник пријавил измама!

Осумнаесетгодишно момче од тетовско село се обратило во полиција откако, според неговите тврдења, останало измамено од сопственик на фирма кој не му ја исплатил договорената заработка и не го пријавил како вработен.

Случајот бил пријавен на 6 август во Секторот за внатрешни работи Тетово, а според информациите од Министерството за внатрешни работи, младиот човек пријавил дека бил ангажиран за работа во фирма чиј сопственик е Ф.Е. од село Доброште.

Според неговата пријава, ангажманот траел од 11 јуни до 2 јули оваа година. Пред да започне со работа, на 18-годишникот му било ветено дека ќе добива дневен надоместок за извршената работа, како и дека ќе биде официјално пријавен во Агенцијата за вработување.

Но, по завршувањето на работниот ангажман, младото лице тврди дека ветувањата не биле исполнети. Како што навел во пријавата, сопственикот на фирмата ниту го пријавил како работник, ниту му ја исплатил договорената сума од 350 евра.

Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со пријавеното дело.

Надлежните треба да утврдат дали во конкретниот случај станува збор за измама и непочитување на работнички права, како и дали ќе следуваат понатамошни постапки против лицето посочено во пријавата.