Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување ги усвои измените на Правилникот со кој се утврдуваат критериумите за привремена спреченост за работа, односно боледување.
Од Фондот нагласуваат дека со новите правила не се скратува правото на боледување и не се ограничува неговото времетраење кога постои медицинска потреба.
Матичниот лекар и понатаму ќе може да утврдува боледување до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена ќе одлучува лекарската комисија на ФЗО.
Од Фондот дополнително појаснуваат дека промената од седум на пет дена кај одредени критериуми не значи дека боледувањето автоматски ќе завршува на петтиот ден. По тој период, доколку здравствената состојба бара продолжување, ќе се применуваат медицинските критериуми утврдени за конкретната дијагноза.
Со измените се воведуваат и повеќе олеснувања за пациентите и матичните лекари.
Кај дел од дијагнозите повеќе нема задолжително да се бара лабораториско испитување, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар.
За одредени заболувања се проширува и временскиот период предвиден со медицинските критериуми.
Значајна промена има и кај продолжувањето на боледувањето по 15-тиот ден. Наместо досегашната рачна постапка, матичниот лекар предлогот до Фондот ќе го доставува електронски.
Се прошируваат и случаите во кои боледувањето може да биде утврдено без физичко присуство на пациентот. Ова особено ќе важи за тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, пациенти кои се на болничко лекување, како и во други оправдани ситуации.
Кај хроничните заболувања ќе може да се користат веќе постоечки дијагностички наоди, доколку тие сè уште се во периодот на важност, со што ќе се избегнува непотребно повторување на истите испитувања.
Новите правила попрецизно ги уредуваат и условите за ретроактивно отворање боледување во оправдани случаи, меѓу кои и по завршено болничко лекување.
Посебни олеснувања се предвидени и за бремени жени и доилки во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е потврдена со специјалистички извештај.
Кај определени тешки заболувања ќе постојат и исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувања подолги од 60 дена.
Од ФЗО велат дека измените се резултат на повеќемесечна стручна анализа и дека целта е постојните правила да се усогласат со современите медицински и дијагностички можности.
Истовремено, намерата е да се намалат административните процедури и непотребното движење на пациентите низ здравствениот систем, без да се загрози нивното право на боледување кога тоа е медицински оправдано.







