ПРВ.мк
Македонија

Пресврт на судењето за Ѓоко Ристов: Стафа тврди дека признанието го дал за поблага казна

Пресврт на судењето за Ѓоко Ристов: Стафа тврди дека признанието го дал за поблага казна

На продолжението од судењето за апелацискиот судија Ѓоко Ристов, сведокот Фехми Стафа изнесе тврдења со кои го оспори толкувањето на неговото претходно признание, објави 4news.mk.

Стафа, кој веќе издржува затворска казна од 15 месеци за примање награда за противзаконито влијание, беше спроведен од затворот „Шутка“ и пред судот категорично негираше дека му дал пари на Ристов.

Тој изјави дека делото го признал со цел да добие поблага казна и да излезе од притвор, тврдејќи дека во текот на постапката бил изложен на закани и притисоци.

„Во ниту еден предмет не сум му дал пари на Ѓоко. Го признав делото затоа што ја одбрав најблагата казна“, изјави Стафа пред судот.

Според неговите тврдења, по апсењето поднел и претставка до внатрешната контрола поради начинот на кој, како што вели, било постапувано со него. Тој тврдеше и дека обвинителката Искра Хаџи Василева му сугерирала сума од 20.000 евра да ја прикаже како пари наменети за судијата Ристов.

Во однос на сумата од 30.000 евра, Стафа наведе дека станувало збор за заем од сестрата на Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, и дека за тоа поседувал писмен доказ. Тој ги негираше и наводите поврзани со 100.000 евра, тврдејќи дека во разговорите биле споменувани имиња на судии, но не и дека парите биле наменети за нив.

Стафа пред судот ја оспори и логиката на обвинението во делот поврзан со притворот на Пецов. Според неговиот исказ, на 2 декември веќе постоела негативна одлука за укинување на притворот, додека тој бил уапсен на 13 декември.

Во врска со снимките на кои се гледа како влегува во канцеларијата на Ристов во Апелацискиот суд, Стафа тврдеше дека средбите биле поврзани со правни консултации и дека со Ристов се среќавал поретко отколку со други судии.

При вкрстеното испрашување, обвинителката Искра Хаџи Василева го потсети дека барањето за спогодба го потпишал свесно и со разбирање на последиците. Таа нагласи и дека Стафа не бил осуден за давање поткуп на Ристов, туку за примање награда со намера да оствари влијание.

По рочиштето, обвинителката изјави дека судот ќе треба да го оцени кредибилитетот на исказот на Стафа, имајќи предвид дека станува збор за лице кое веќе е правосилно осудено во истиот случај.

Таа посочи и дека Љупчо Пецов во постапката има улога на соработник и сведок кој пријавил корупција.

Одбраната, пак, оцени дека сведочењето на Стафа отвора прашања околу доказната постапка. Бранителот Давидовиќ тврдеше дека материјалните докази на кои се повикува обвинителството не биле прикажани на начин на кој одбраната очекува и нагласи дека ќе продолжат да инсистираат на почитување на законските права во постапката.