ПРВ.мк
Македонија

Привремено стопирана БСЖ вакцинацијата во Македонија – се проверуваат сериите на вакцините

Привремено стопирана БСЖ вакцинацијата во Македонија – се проверуваат сериите на вакцините

Имунизацијата со БСЖ вакцината во Македонија привремено се одложува додека надлежните институции не добијат целосни информации за сериите на вакцините, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со пријавени несакани реакции.

Одлуката ја донела Комисијата за имунизација при Министерството за здравство, откако во хрватските медиуми биле објавени информации за несакани реакции по примена на БСЖ вакцина.

Бидејќи станува збор за вакцина од истиот производител, Министерството за здравство стапило во контакт со Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД и побарало дополнителни информации за сериите кои се користат во Македонија.

Од Министерството нагласуваат дека БСЖ вакцинацијата во земјава е задолжителна, бидејќи Македонија се смета за подрачје со висок ризик од туберкулоза.

Според податоците што ги објави Министерството, во моментов на Институтот за ТБЦ се лекуваат 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се случаи регистрирани во текот на 2026 година.

Во Детската болница „Козле“ во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, додека во текот на оваа година досега се регистрирани 12 нови случаи.

Комисијата за имунизација одлучила вакцинацијата привремено да биде одложена сè додека не пристигнат комплетните информации поврзани со квалитетот на сериите и можната поврзаност со несаканите реакции.

Од Министерството дополнително информираат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД била поднесена само една пријава за сомнеж за несакана реакција од БСЖ вакцина во Македонија.

Станува збор за пријава од август 2022 година, кога бил регистриран апсцес на местото каде што била аплицирана вакцината.

Надлежните посочуваат дека ваквата реакција е веќе наведена и опишана во официјалното упатство за употреба на вакцината.