Утре нè очекува претежно сончево и релативно топло време, но веќе од петок следува промена со врнежи од дожд и локална нестабилност.
Во утринските часови времето ќе биде ведро и студено, додека во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 8 степени, а дневните ќе достигнат меѓу 22 и 28 степени.
Во Скопје се очекува сончево и релативно топло време со мала облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец, а температурата ќе се движи од минимални 2 до максимални 26 степени.
Во четврток утрото ќе биде постудено, додека во текот на денот повторно ќе доминира сончево време со мала до умерена облачност.
Поголема промена се очекува од петок. Според прогнозата, во петок и во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
На одредени места дождот може да биде пообилен и пороен, а локално се очекува и појава на ретки грмежи.
Истовремено, утринските температури во текот на овој период ќе бидат во пораст.







