Соединетите Американски Држави официјално одобрија продажба на оружје за Тајван во вредност од приближно 11,1 милијарди долари, со цел значително зајакнување на одбранбените капацитети на островот и одржување на безбедносната рамнотежа во азиско-пацифичкиот регион. Одлуката ја потврди Американската агенција за одбранбена безбедносна соработка (DSCA).
Во осум одделни соопштенија, агенцијата наведува дека предложениот договор ќе придонесе за подобрување на безбедноста на Тајван, како и за зачувување на политичката стабилност, воената рамнотежа и економскиот развој во регионот.
Пакетот опфаќа повеќе видови напредно вооружување и опрема. Меѓу најзначајните ставки се самоодни хаубици со придружна логистика, проценети на околу 4,03 милијарди долари, високомобилни артилериски ракетни системи во вредност од 4,05 милијарди долари, како и софтвер, опрема и услуги за тактичка мрежа на мисии, со вредност од приближно 1,01 милијарда долари.
Од DSCA истакнуваат дека продажбата ќе му овозможи на Тајван поефикасно да одговори на постојните и потенцијалните безбедносни закани преку јакнење на сопствените капацитети за самоодбрана. Дополнително, се наведува дека тајванските вооружени сили нема да имаат тешкотии при интеграцијата на новата опрема во постојните системи.
Американската страна нагласува дека предложениот договор не ја нарушува основната воена рамнотежа во регионот, но истовремено се очекува одлуката да предизвика силни реакции од Пекинг. Кина континуирано се противи на каква било форма на официјална воена соработка меѓу САД и Тајван, сметајќи го островот за нераскинлив дел од Народна Република Кина, и покрај фактот што Тајван функционира како самостојна политичка целина од 1949 година.
Во меѓувреме, тајванските власти веќе најавија значително зголемување на одбранбениот буџет. Во ноември беше соопштен дополнителен буџет од 1,25 билиони нови тајвански долари, што изнесува околу 34 милијарди евра, наменет за период од осум години. Претседателот Лај Чинг-те тогаш порача дека оваа одлука е јасен сигнал за посветеноста на Тајван кон заштита на демократијата и националната безбедност.
Според најавите, средствата планирани за периодот од 2026 до 2033 година ќе бидат искористени, меѓу другото, за набавка на дополнително американско вооружување и натамошно јакнење на одбранбените способности на островот.
















