Естонија побара официјално објаснување од Русија откако тројца руски граничари накратко влегле на естонска територија, соопшти Министерството за надворешни работи во Талин. Инцидентот се случил во средата, а информацијата беше потврдена во четврток.
Според естонските власти, безбедносните камери регистрирале тројца припадници на руската гранична служба како пеш ја преминуваат браната на реката Нарва, која претставува дел од државната граница меѓу Естонија и Русија. Настанот се случил околу 10 часот наутро, во близина на селото Васкнарва, откако граничарите пристигнале во областа со лебдилка, пренесува „Еуроњуз“.
По краткиот престој на естонска територија, тројцата се вратиле назад, повторно со лебдилката, кон рускиот брег. Естонските власти наведуваат дека во инцидентот не била утврдена непосредна безбедносна закана.
Сепак, по настанот, полицијата и граничната служба значително го зголемиле присуството и бројот на патроли долж границата. Министерството за надворешни работи на Естонија објави дека рускиот амбасадор ќе биде повикан на разговор со цел да се побара официјално објаснување за случувањето.
Естонскиот министер за внатрешни работи, Игор Таро, изјави дека инцидентот бил внимателно следен и документиран, но нагласи дека во моментот не постои директна закана за националната безбедност.
Шефот на Бирото за гранична стража при Источната префектура, Еерик Пургел, потврди дека повеќе патроли веднаш реагирале, а извршена била и проверка на пристанишната зона. Остварен бил и официјален контакт со руската страна преку граничните претставници.
Источната префектура дополнително ги засили патролите како превентивна мерка поради можни идни инциденти. За четвртокот наутро беше најавена и средба меѓу граничните претставници на двете земји, на која Естонија требаше официјално да го покрене прашањето за упадот.
Инцидентот се случува во период на зголемена безбедносна напнатост во Европа. Во последните недели, НАТО бележи рекорден број нарушувања на воздушниот простор со беспилотни летала, што ги поттикна европските лидери да договорaт формирање таканаречен „ѕид од дронови“ долж источните граници на Алијансата.
Во ноември, НАТО потврди дека нов американски систем за борба против дронови е распореден на источниот фронт, а генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, најави и програма наречена „Источна стража“, насочена кон одвраќање на идни руски упади.
Европски безбедносни претставници оценуваат дека ваквите инциденти може да претставуваат тестирање на реакцијата и подготвеноста на НАТО. Кремљ, од своја страна, ги негира обвинувањата за организирани упади и ги нарекува тврдењата „неосновани“.
Во меѓувреме, обвинителствата на Латвија, Литванија и Естонија формираа заеднички истражни тимови за случаи поврзани со активности на странски разузнавачки служби. Според естонските обвинители, профилот на осомничените во последната година се променил – од локални лица кон странски државјани, што ја зголемува потребата од меѓудржавна соработка.
Видео:
















