Саудиските власти оваа година извршија 340 смртни казни, поставувајќи нов годишен рекорд, објави порталот „Middle East Eye“. Последните три егзекуции беа извршени во Мека, а осудените биле прогласени за виновни за убиство.
Овој број го надминува претходниот рекорд од 2024 година, кога беа егзекутирани 338 лица, иако некои организации за човекови права наведуваат дека реалниот број за минатата година бил 345.
Според „Alqst“, „Amnesty International“ и „Reprieve“, многу од егзекуциите биле извршени по неправедни судења, со признанија извлечени преку тортура, а дел од осудените биле малолетни во времето на злосторствата.
Од вкупно 340 егзекуции оваа година, 232 се поврзани со случаи за дрога, додека други се изречени за тероризам. Значителен број од егзекутираните биле странски државјани.
Организациите за човекови права предупредуваат дека уште пет лица кои биле малолетни во времето на злосторствата се во непосредна опасност од егзекуција, и дека практика на извршување смртни казни на малолетници продолжува, иако кралската наредба од 2020 година требаше да го забрани тоа.
Саудиска Арабија има трет најголем број егзекуции во светот во последните години, зад Кина и Иран, според податоците на Амнести Интернешнл.
















