Денес во просториите на Општина Кавадарци успешно се одржа првата обука во рамки на проектот „ЛАПСИ – Локални активни платформи за социјални иновации“. Главен фокус на настанот беше активното вклучување на младите во препознавањето на локалните предизвици и креирањето иновативни идеи за нивно решавање.
На обуката учествуваа голем број средношколци од Кавадарци, кои преку тимска работа, интерактивни дискусии и практични активности имаа можност отворено да зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот, да ги дефинираат нивните вистински потреби и да предложат конкретни решенија за позитивни промени во градот. Главната цел на иницијативата е младите да не бидат само пасивни набљудувачи, туку активни чинители и креатори во процесите што ја обликуваат нивната заедница.
Преку ваквите активности учесниците го развиваат своето критичко размислување, тимската работа, како и комуникациските и презентациските вештини. Особено значаен е фактот што сите идеи и предлози произлегуваат директно од младите – од нивните лични искуства, потреби и автентичниот поглед кон развојот на Кавадарци.
Проектот ЛАПСИ го спроведува Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, во рамки на регионалната програма BOOST – Balkans, координирана од ALDA – European Association for Local Democracy, со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence Française de Développement – AFD).
Младите уште еднаш покажаа дека имаат што да кажат. А кога нивните идеи се слушаат и поддржуваат – се создава реална можност за подобрување на квалитетот на животот во заедницата.







