Хрватска во наредните години ќе се соочи со сериозен недостиг на работна сила и ќе мора да ангажира повеќе од 100.000 странски работници, изјави премиерот Андреј Пленковиќ. Според него, во последните две години во земјата се отворени околу 100.000 нови работни места, поради што бројот на невработени е намален на околу 81.000 лица, пренесува „Даница.хр“.
Пленковиќ истакна дека моментално во Хрватска работат над 1,75 милиони луѓе, а целта на Владата е до крајот на мандатот просечната нето плата да достигне 1.600 евра.
Во моментов, во Хрватска се ангажирани околу 140.000 странски работници. Сепак, измените на Законот за странци се насочени кон ограничување на бројот на нови работни дозволи, додека истовремено се олеснува продолжувањето на дозволите за странските работници кои веќе работат во земјата.
Од Хрватскиот завод за вработување предупредуваат дека, со оглед на економскиот раст и зголемениот број пензионирања, во следните пет години ќе бидат потребни повеќе од 100.000 нови работници. Според проценките, овој недостиг нема да може да се надомести со домашната работна сила, па најголемиот дел од потребните кадри ќе мора да дојдат од странство.
















