Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска најави дека системот „Безбеден град“ се имплементира со забрзано темпо и дека до јули следната година ќе биде целосно функционален на територијата на целата држава. Тој појасни дека во моментов системот е во тест-фаза, а официјалното евидентирање на сообраќајните прекршоци и изрекувањето казни ќе започне по 1 февруари 2026 година.
Според Тошковски, првичните резултати веќе се забележливи, бидејќи на локациите каде што системот е активен е регистрирано намалување на сообраќајните незгоди со тешки телесни повреди.
Министерот нагласи дека примената на системот ќе биде еднаква за сите и дека нема да има привилегирани. Исклучок ќе бидат само возилата на итната медицинска помош, противпожарните служби и полицијата кога се во службена акција.
„Никој нема да биде изземен. Дури и јас добив опомена за сообраќаен прекршок, што јавно го споделив“, изјави Тошковски.
Тој додаде дека преку воведувањето на „Безбеден град“, Министерството за внатрешни работи ја следи европската визија за „нула жртви“ во сообраќајот до 2050 година, со цел значително зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на човечките загуби.
















